Претставена новата Анти-корупциска програма и Акциски план (2026–2029)
Вести
- Почетна
- >
- Вести
Претставена новата Анти-корупциска програма и Акциски план (2026–2029)
На 31.10.2025 година, во просториите на Апелациониот суд во Битола, во рамки на Проектот „Поддршка на анти-корупциски иницијативи со фокус на поддршка на Судскиот совет на Република Северна Македонија“, кој го спроведува Expertise France, се одржа тркалезна маса за претставување на новата Анти-корупциска програма и Акциски план (2026–2029) за спречување и следење на корупцијата во судството.
На настанот присуствуваа претседателот на Судскиот совет на РСМ, г. Александар Камбовски, претседателката на Апелациониот суд Битола, судијата Жаклина Доведен, претседатели на судови, судии и судски администратори од апелационото подрачје Битола, г-ѓа Хелена Папа и г-ѓа Анета Арнаудовска, експерти на Фондот за борба против корупција, како и претставници од Француската амбасада.
Програмата има за цел да го зајакне интегритетот, транспарентноста и отчетноста во судството, преку:
- унапредување на независноста и транспарентноста на Судскиот совет и судовите;
- подобрување на механизмите за надзор, етичко однесување и спречување на конфликт на интереси;
- јакнење на капацитетите за проценка на ризици, постапување со жалби и заштита на укажувачи;
- промовирање на култура на интегритет и јавна доверба;
- зајакнување на соработката со ДКСК, Јавното обвинителство, Адвокатската комора и други институции.
Во своето обраќање, претседателката на Апелационен суд Битола, судијата Жаклина Доведен, истакна:
„Преземањето на силни мерки со кои јасно ќе се нагласи потребата од континуирана борба против корупцијата треба да биде еден од главните приоритети, со цел да се воспостави ефикасен систем на заштита од коруптивни активности. Со тоа ќе покажеме дека постои недвосмислена поддршка за широка антикорупциска агенда, подобрување на отчетноста на судовите и подигнување на нивото на доверба со почитување на европските стандарди.“
Новата Програма и Акциски план претставуваат динамичен и одржлив модел кој ги обединува европските стандарди и локалните приоритети во борбата против корупцијата, со крајна цел — постигнување поголема доверба, интегритет и професионализам во судството.