Соопштение за јавноста
Вести
- Почетна
- >
- Вести
Соопштение за јавноста

Почитувани,
На ден 02.10.2025 година на Фејзбук профилот на Г-дин Кире Михаилов - Заменик Генерален Директор на ЈП Национални шуми е објавена објава, во која истиот објаснува како Основниот суд во Прилеп донел одлука за враќање на моторно возило – комбе на сторител на кривично дело/ прекршок со кое се превезувале нежигосани бесправно пресечени огревни дрва и како по извесен период истото комбе било повторно затекнато како превезува нежигосани бесправно пресечени огревни дрва, односно дека со истото превозно средство повторно се извршило кривично дело/ прекршок, за кое нешто се обвинува Основниот суд Прилеп и судечкиот судија за незаконито постапување.
Најпрво да напоменеме дека пред објавување на постот, Заменик Генералниот Директор на ЈП Национални шуми, воопшто не се обрати до Основниот суд Прилеп до канцеларијата за односи со јавност со цел добивање на информација поради кои причини е донесена таква одлука, заради што Основниот суд Прилеп нема податоци за каква постапка станува збор, дали кривична или прекршочна постапка, ниту пак кој судија постапувал во конкретниот предмет.
Основниот суд Прилеп ја информира јавноста дека РСМ е потписничка на Европската Конвенција за човекови права (ЕКЧП) која е директно применлива во нашето законодавство и истата е на ниво над нашите национални закони, а под Уставот на РСМ. Ова значи дека истата директно се применува при донесување на одлуките од страна на судовите во РСМ, а додека пак донесените одлуки – пресуди од страна на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) се задолжителни и обврзувачки во постапувањето од страна на судовите во нашата држава.
Ја известуваме јавноста дека против Р.Македонија во 2019 година се водеше судски спор пред ЕСЧП во кој спор во една ваква слична ситуација каде од апликантите бил одземен камион во врска со сторен царински прекршок, им биле изречени парични казни, а стоката која била превезувана со тој камион била одземена. Во овој спор ЕСЧП утврди повреда на ЕКЧП од страна на тужената Р. Македонија и тоа на член 1 од Протоколот бр.1 кон Конвенцијата за сметка на одземањето на камионот, а Р.Македонија беше задолжена на апликантите да им го врати одземениот камион во состојба во која се наоѓал за време на одземањето во рок од 3 месеци од донесување на пресудата и Р. Македонија беше задолжена на име штета да им исплати на апликантите износ од околу 18.500,00 Евра.
Ваквата повреда е утврдена поради фактот што одземањето на камионот, како дополнителна санкција покрај паричната казна и одземањето на стоката, според гледиштето на Судот била непропорционална бидејќи наметнала прекумерен товар врз жалителите.
Дополнително, Вишиот управен суд на седница на судии одржана на ден 27.07.2020 година, по однос на правното прашање за пропорционалност при постапувањето и одлучувањето на управните органи и управните судови, кое произлезе од пресудата на ЕСЧП во предметот Јакимовски и Кари превоз против Северна Македонија А.бр. 51599/11 од 14 ноември 2019 година, усвои заклучок дека во случаи кога покрај изрекувањето на глоба како парична казна за сторен прекршок е предвидена посебна прекршочна мерка – одземање на предмети наменети за извршување на прекршокот, ваквата посебна прекршочна мерка нема да се примени доколку се оцени дека целта на казнувањето би била постигната единствено преку изрекувањето на паричната казна имајќи ги предвид тежината на прекршокот, условите под кои е сторен прекршокот, однесувањето на сторителот на прекршокот и неговиот однос кон сторениот прекршок, фактот дека сторителот и претходно бил сторител на сличен прекршок, како и останатите лични околности кои се однесуваат на сторителот и кои се важни за оценка на тоа дали посебните прекршочни мерки ќе му создадат прекумерен и непропорционален товар.
Во секој случај укажуваме дека судиите се самостојни и независни во донесување на одлуките и секое коментирање однадвор, особено од политички чинители во опшеството се смета за упад во судството.
Со почит
Основен суд Прилеп