СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
Вести
- Почетна
- >
- Вести
СООПШТЕНИЕ ЗА ЈАВНОСТ
В.Д. Претседателката на Основниот Кривичниот суд – Скопје, денес се обрати на Годишното собрание на Здружението на судии на РСМ, истакнувајќи дека Кривичниот суд, но и целиот судски систем во моментов се наоѓа пред еден навистина голем предизвик , односно судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани кое е од исклучителна сложеност и општествена важност.
Пред колегите од Врховниот, Апелационите и другите судови во земјата како и членовите на Судскиот Совет на РСМ беше истакнато дека :
„Овој процес нема да биде само тест на нашата правна подготвеност, туку и на нашата издржливост, професионалност и независност. Секој од нас е свесен дека ваквите предмети се следат со големо внимание од јавноста, но тоа само дополнително ја нагласува нашата одговорност да останеме доследни на принципите на правдата и владеењето на правото.
Верувам дека како заедница на судии, обединети во истите вредности и стандарди, ќе покажеме дека судството има сила, интегритет и знаење да се справи со секој предизвик — без притисоци, без страв и без компромиси со вистината.
Да продолжиме да бидеме пример на професионалност, достоинство и меѓусебна поддршка. Само така можеме да ја зацврстиме довербата во нашата работа и во правосудниот систем.“
Кривичниот суд воедно побара од надлежните судски инстанци целосно да се вклучат, секој со своите ингеренции, во поддршка на судот за организација и обезбедување услови за ефикасно водење на конкретната постапка со доследно почитување на правата на странките како и присуство на јавноста, а во тој правец ги повика и навреме да реагираат и надлежните Министерства.
Со почит Основен кривичен суд Скопје.