Обраќање на ВД Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија на Годишната судиска конференција
Вести
- Почетна
- >
- Вести
Обраќање на ВД Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија на Годишната судиска конференција
Во организација на Здружението на судии на Република Северна Македонија на 30.04.2025 година се одржа Годишната судиска конференција на тема „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапката“, на која се обрати и учествуваше ВД Претседателот на Врховниот суд на Република Северна Македонија, д- р Џемали Саити.
ВД Претседателот говореше на панелот - Самостојност и независност на судската власт на тема: „Како до поголема финансиска и институционална стабилност”.
Во воведното обраќање, ВД Претседателот Саити ги истакна достигнувањата на оваа Конференција, која низ овие години овозможи широка дебата и придонесе во донесувањето на бројни и важни одлуки со цел креирање на независен и кредибилен правосуден систем.
Во продолжение, ВД Претседателот нотираше дека независен судски систем подразбира етаблирани институции, финансиска одржливост, ефикасност и фер право раздавање, притоа за остварување на оваа цел, ја истакна потребата од институционална кохабитација на трите власти, заснована на универзалните принципи на владеењето на правото и демократските вредности.
Во остварувањето на оваа цел, примарна е улогата на Судскиот совет и Врховниот суд на Република Северна Македонија, како двигатели на овој процес, манифестирајќи лидерство и визија, која ќе ја обезбеди автономијата на судската власт и нејзината видливост.
Во овој контекст, Врховниот суд на Република Северна Македонија презема низа активности во насока на стандардизација на примената на правото и особено активности за заштитата на човековите слободи и права, преку донесување на бројни правни мислења и начелни ставови.
За постигнување на оваа цел, не помалку важна е улогата на Здружението на судии на Република Северна Македонија, како институција со висок интелектуален потенцијал, која низ изминатите години покажа иницијативност и реална партиципативност во судските работи.